Д-р Лесли Т. Самози: Поддршка на талентот во време на криза
Моменталната економска криза ги донесе на површина и најдобрите и најлошите страни на организациите и начинот на кој менаџираат со луѓето, или попрецизно со талентираните луѓе. Да се најде компанија која не индицира дека „вработените им се највредниот капитал” и дека „без нашите луѓе ние сме ништо“ бил и се уште е вистински предизвик. Сепак, кога работите ќе згустат првото нешто што организациите го кратат е луѓето и трошоците поврзани со луѓето (на пример тренинг и развој)! Постои логика позади сето ова – заштедено евро значи додадено евро на крајот од билансот. Но што е со талентите? Што е со оние што даваат дополнителна вредност на организацијата и своите животи си ги посветија на организацијата и оние чиј талент ни е толку многу потребен? Што може компанијата да направи за да ги поддржи овие луѓе дури и во време на криза?
За време на економска криза, мотивацијата на работното место е размрдана во самата суштина, затоа што талентите се загрижени за сигурноста и безбедноста на работното место. Ова резултира со одлив на мозоци, бидејќи најдобрите таленти ја напуштаат земјата во потрага по подобри можности. Тоа се луѓе во кои компанијата инвестирала и го стимулирала нивниот развој. Ова резултира со трошење на ресурсите, а замената на истите станува премногу скапа, и кога ова се случува дури тогаш компаниите почнуваат вистински да „чувствуваат“ колку луѓето им се важни во нивните краткорочни и долгорочни успеси.
Преку серија на истражувачки проекти во регионот, заклучивме дека начинот на кој организациите ги подржуваат своите талентирани луѓе треба да биде суштински различен во време на криза, во однос на секојдневните работни ситуации. Дојдовме до заклучок дека начинот на кој се подржуваат талентираните луѓе во време на криза значително влијае на неколку важни аспекти: стрес, задоволство од работата, продуктивност, воспоставувањето рамнотежа помеѓу приватниот и деловниот живот, “прегорување” од работата, посветеност на работата и отсуство. Секој од овие аспекти може позитивно да влијае на развојот или пак да придонесе за бавно опаѓање.
На талентите им се потребни три клучни поддржувачки организациски однесувања во време на криза, а тоа се Комуницирање, Акција за проширување на бизнисот и Финансиски стратегии. Во секоја од овие опширни категории постојат бројни специфични поддржувачки однесувања што вработените ги очекуваат од нивните непосредни надредени.
Комуницирање:
Информирање на талентите за кризниот удар
Комуницирање на потребата за промена и како да се адаптира на промената
Разговарање со клиентите за кризата и како организацијата одговара на истата
Акција за проширување на бизнисот:
Формирање нови алијанси со компании (национални и меѓународни)
Барање на нови бизниси надвор од основната дејност
Проширување на организацискиот компетитивен поглед
Прифаќање на финансиски стратегии:
Посветување на поголемо внимание на крајните резултати
Издвојување на талентите за да се покаже нивната вредност
Талентите денес се многу пософистицирани и поедуцирани од кога било. Талентите го разбираат ефектот на кризата, но доколку организацијата ВИСТИНСКИ ги цени, ќе го комуницира тоа со нив во континуитет. Ако побараме од талентираните луѓе да бидат пофлексибилни и инволвирани, организацијата треба да размислува поинаку во однос на тоа како се однесува со нив. Доколку организацијата продолжи да се придржува кон традиционалните навики без ефективно да се посвети на талентираните луѓе, иднината за двата ентитета, и организацијата и талентот е предвидлива и неизбежна.
Не постои рецепт или универзален лек, само едноставни, севкупни, фундаментални принципи кои треба да бидат имплементирани. Опстанокот на организацијата зависи од луѓето, луѓето и луѓето. Треба да играме за истиот тим, наместо да се гледаме како противници. Треба да го намалиме просторот, јазот меѓу талентите и организацијата. Што е поголем јазот, толку опстанокот ќе биде потежок. Ефективното поддржување на талентот во време на криза ќе го олесни опстанокот и ќе ни даде можност за растење.
Д-р Лесли Т. Самози е Професор и Академски директор на извршните МБА студии на СИТИ Колеџот (Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд) и основач на Лабораторијата за стратегиски менаџмент со луѓето. Тој е член на Асоцијацијата на извршни МБА програми (AMBA), како и редовен проценител на проекти финансирани од Европската Унија. Негови полиња на експертиза се: Менаџирање на промени, Менаџмент со човечки ресурси, Одлив на мозоци, Меѓународен бизнис и маркетинг.
Тој своите ставови подетално ќе ги изнесе на своето предавање „Развој на меѓународно пазарно присуство” на Академијата за Менаџери кое ќе се одржи викендот од 24 до 26 јануари 2014 година.
Развој на мeѓународно пазарно присуство
Денес, организациите мораат да работат согласно принципите на глобализираниот пазар. Дали тие активно учествуваат или не, фирмите сепак се предмет на меѓународно влијание. Постои еден непобитен факт – брзите промени во рамките на меѓународната средина, како и развојот на комплексни, надворешни, неконтролирани фактори, заедно со значителниот раст на глобалната конкуренција, имаат значително влијание врз организацијата и перспективата за освојување на пазарот во својот сегмент. Овој модул се концентрира на прашања кои произлегуваат во текот на формулацијата на меѓународната маркетинг стратегија во една организација. Модулот ќе се фокусира на развој на маркетинг планови за странски земји со цел да се постигне одржлива конкурентна предност на меѓународниот пазар.
Објавa:
Галерија