Потпишан Меморандум за формирање Академија за Менаџери на 1 март 2012 година во Скопје

Министерот за образование и наука Панче Кралев, Јанис Верверидис директорот на СИТИ Колеџот при Универзитетот Шефилд од Солун и Златко Калеников претседател на Сојузот на стопански комори, денес потпишаа Меморандум за соработка за заедничко регулирање на односите на основачите на Академијата за менаџери.

Со оваа академија, менаџерите од компаниите отсега ќе имаат можност да ги надградат своите знаења и да се доквалификуваат во академијата што на иницијатива на Сојузот на стопански комори на Македонија ќе се формира во Скопје.


Наша цел како Министерство за образование и наука е да им овозможиме на нашите менаџери континуирани можности за надградување на знаењата преку програмите и модулите што ќе ги нуди академијата. Иако нашите стипендии се договорени за првите четири модули, наша интенција е и во иднина да продолжиме да ја поддржуваме академијата на различни начини, истакна министерот Кралев по потпишувањето на Меморандумот.


Покрај доделување стипендии, Министерството за образование и наука ќе помогне и во формирањето на академијата и дистрибуцијата на информации до сите релевантни институции за можностите и програмите што ќе ги нуди академијата. Според Јанис Верверидис, визијата е да се создаде водечка академија во регионот на Југоисточна Европа која ќе го подигне нивото на компетенции и квалификации на менаџерите.


Академијата ќе понуди висок квалитет на образование и ќе биде целосно дизајнирана и организирана со комплетна одговорност на Универзитетот Шефилд и неговиот меѓународен факултет, рече Јанис Верверидис.


Претседателот на ССК Калеников истакна дека отворањето на академијата е долгогодишна идеја која се појавила поради недостигот на едуцирани менаџери по странски стандарди или школи во кои е застапена праксата.


Академијата ќе биде основана од страна на Сојузот на стопански комори и Универзитетот Шефилд со поддршка од Министерството за образование и наука. На неа ќе предаваат истакнати професори од Универзитетот Шефилд во Солун. Во првата година академијата ќе се наоѓа во просториите на Сојузот на стопански комори, а планирано е предавањата да се одржуваат во петок, сабота и недела.
Во почетокот ќе бидат понудени три модули - финансии, менаџмент и маркетинг за кои Министерството за образование и наука ќе додели вкупно 40 стипендии. Висината на стипендиите се уште не е утврдена, но најверојатно за еден модул ќе чини 500 евра.


Се очекува првиот модул да се одржи во октомври годинава. По завршувањето на модулот учесникот ќе добие сертификат за учество.

 

 

 

Објави:

 

 

Галерија