Свечено отворена Академијата за Менаџери

Менаџерите од македонските компаниите, одсега ќе имаат можност да ги надградат своите знаења и да се доквалификуваат во Академијата за Менаџери, на која ќе предаваат истакнати професори од Универзитетот Шефилд

Скопје, 10.10.2012. Министерството за образование и наука и Сојузот на стопански комори на Македонија ја промовираа Академијата за Менаџери, која е под академска надлежност на Сити колеџ - Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд.

Министерот за образование и наука г-дин Панче Кралев истакна дека Менаџерите од македонските компаниите, одсега ќе имаат можност да ги надградат своите знаења и да се доквалификуваат во академијата, што на иницијатива на Сојузот на стопански комори на Македонија и претседателот г-дин Златко Калеников, се формира во Скопје.

„Наша цел, како Министерство за образование и наука е да им овозможиме на нашите менаџери континуирани можности за надградување на знаењата преку програмите и модулите што ги нуди академијата, за која цел е предвидено Министерството да додели 10 стипендии. Покрај доделување стипендии, Министерството за образование и наука имаше значаен удел во формирањето на академијата, како и во делот на промовирање на истата, можностите и програмите што ги нуди, пред сите релевантни институции во земјата“, истакна Кралев.

На Академијата за Менаџери, ќе предаваат истакнати професори од Универзитетот Шефилд, ќе се работи на научно-истражувачка дејност од областа на менаџментот и економијата, како и кратки програми, курсеви по модули, обуки за менаџерски кадар од областите корпоративно управување, менаџмент, управување со финансиски текови, управување со ризици, водење преговори, маркетинг и модули за едукација на државни службеници за менаџирање во јавната администрација.

„Досегашното наше искуство, а верувам и ваше и искуството на останатите стопанственици говори дека, менаџерите кои се едуцирани според светски стандарди и кои се во чекор со најновите трендови и технологии секогаш се поблиску до целта. Од денес едукацијата на менаџери, популарна во светски рамки достапна е и за македонските компании. Квалитетно едуциран кадар, богат со знаење и визија е гаранција за успех“, изјави г-дин Митко Алексов извршен директор на Сојуз на стопански комори на Македонија.

Академијата за менаџери ќе одржи промотивно предавање отворено за сите заинтересирани учесници на 19 октомври (петок), токму истата локација – во Хотел Александар Палас во 14 часот, на тема: Воспоставување на иновации во современите организации.
„Првото викенд предавање на Академијата за менаџери е закажано од 2 – 4 ноември, а ќе започне со првиот модул од програмата Стратешки менаџмент: Стратешки менаџмент за мали и средни претпријатија: Креирање на одржлива конкурентна предност,“ рече г-ца Марија Никовска, директор на Академија за менаџери.

Г-дин Јанис Варваридис, директор на Сити Колеџот- Меѓународен Факултет на Универзитетот Шефилд, истакана дека целта на овај визионерски проект е да го поддржи развојот на знаењето и вештините на менаџерите, како и да го подобри нивниот професионален капацитет.
„Целта е да го зголемиме нивото на компетентност и квалификации на менаџерите преку најновите трендови и техники кои се практикуваат во светски рамки. Академијата ќе понуди високо квалитетно образование тука во Скопје, кое ќе биде целосно организирано и под одговорност на Универзитетот Шефилд и неговиот Меѓународен факултет“, истакна Варваридис.

На свечената промоција свое обраќање имаше и г-дин Томас Р. Родс, Директор на Маѓународната канцеларија за Односи на Универзитетот Шефилд, а меѓу бројните гости присуствуваа и стопанствениците членки на Сојуз на стопански комори на Македонија.
Универзитетот Шефилд е еден од најстарите британски универзитети, со светски углед за квалитет. Тој е водечки истражувачки универзитет, со седиште во Шефилд, во јужен Јоркшир, Англија. Во 2011 година е именуван за универзитет на годината во Велика Британија од страна на Times Higher Education Awards за академската 2011 - 2012 година.

Според QS ранг листата од 2012 година, Универзитетот Шефилд е: 11ти во Велика Британија, 20ти во Европа, 66ти во светот и има 5 добитници на Нобеловата Награда.

 

Видео:

  • http://www.youtube.com/watch?v=OQmmzDqyKy8
  •  

    Галерија