Македонски менаџери по британски рецепт

Идејата за формирање ваква академија е официјализирана лани, кога Министерството за образование и наука, Сојузот на стопанските комори и универзитетот „Шефилд“ потпишаа договор за соработка, а целта е да едуцира и доедуцира менаџери од различни компании

Од оваа академска година Марија Никовска е директорка на новата академија за менаџери, што се наоѓа во просториите на Сојузот на стопанските комори. Овде од октомври минатата година учат менаџери од различни компании од јавниот и од приватниот сектор, а предавачи им се врвни професори од признаени светски универзитети.
Во ова интервју Никовска зборува за работата на академијата.

1. Од каде идејата да се формира Академија за менаџери?

Иницијативата за формирање на академијата потекнува од бизнис-секторот во Македонија, како реална потреба за едукација на кадар што ќе биде способен да овозможи излез на странски пазари, квалификуван со нови менаџерски техники, во согласност со светските трендови. Нашите студенти и постдипломци со ова добија можност за специјализација и доедукација на постдипломско ниво од универзитетот „Шефилд“ од Велика Британија, кој е рангиран на 66-то место во светот. Ова за компаниите значи поголема конкурентност, користејќи ги вештините на доедуцираниот кадар, како на домашниот така и на странските пазари.

2. Имаше најави дека на академијата ќе предаваат врвни светски професори.

Организираме предавања водени од реномирани професори со исклучителна професорска и истражувачка кариера. Тоа се професори од универзитетот „Шефилд“ и Сити-колеџот - меѓународниот факултет, како и од други реномирани универзитети од Велика Британија (Универзитетот од Кардиф, од Глазгов, од Ливерпул, од Бредфорд, Њукасл и Трент Нотингам-универзитетот). Секој професори има и свои авторски трудови и истражувања, а покрај теориската подготвеност, тие имаат и практично искуство во доменот на она што го предаваат. Токму професорите се столбот на квалитетните студии, а дополнителна потврда на задоволството од академските програми е растечката прогресија на слушатели од модул во модул, од предавање до предавање.


3. Зошто Македонија имаше потреба од Академија за менаџери?


Академијата за менаџери со своите едукативни програми и модули се залага за издигнување на нивото на знаење на професионалните кадри за помагање и унапредување на бизнис-заедницата, на која ѝ се потребни профилирани, обучени и образовани менаџери од различни области. Според својата концепција и програма, академијата во континуирана соработка и комуникација со бизнис-секторот во Македонија ќе ги препознава потребите за соодветно образование и истражување, со кое ќе им помогне на компаниите при соочување и решавање на тековните предизвици и тешкотии. Во образовната средина универзитетите треба да се насочат во потрага по рамнотежа помеѓу креирање кадри, кои се соодветни за тековната ситуација, но и подготвени за иднината. Програмите на универзитетот „Шефилд“ се создадени така што ги земаат предвид не само студентите туку и потребите на пазарот на трудот. На тој начин се отвораат можности за брзо напредување во кариерата и се јавува задоволство како кај самите дипломци така и кај компаниите што ги вработиле.


4. Со какви квалификации се стекнуваат оние што завршуваат на академијата?


Во првата година организираме предавања во три насоки - стратегиски менаџмент, стратегиски маркетинг и финансии. Тие се одржуваат за викенд за да им се овозможи на сите слушатели што се со постојано работно место да не отсуствуваат од работа и да има можност за што поголема посетеност. Постојат два степена на специјализација на постдипломско ниво, во зависност од бројот на модули што се вклучени во самата програма од дадена насока, како и можност за завршување целосни магистерски студии во трите насоки и за магистерски студии за бизнис-администрација, наменети за извршни позиции. Компаниите и организациите се соочуваат со недостиг од финансиски средства, кои би требало да ги издвојат за вработениот менаџерски кадар. За да се овозможи развојот на бизнис-секторот и малото стопанство во Македонија преку доквалификација и доедукација на постојни кадри, академијата ќе се залага за обезбедување стипендии и дополнителни финансии за кандидатите.


5. Планирате до мај да одржите 12 викенд-предавања. Од кои области ќе бидат тие?


Почнувајќи од декември 2012-та, па заклучно со месец мај 2013-та, академијата ќе одржи вкупно 12 викенд-предавања за специјализирани квалификации во програмите: стратегиски менаџмент, стратегиски маркетинг и финансии. Во програмата за стратегиски менаџмент од 15 до 17 февруари 2013-та ќе се одржи викенд-предавање на тема „Стратегиско менаџирање на човечки ресурси“. Целта на овој модул е критички да ги разгледа периодите на драматични промени во менаџирањето на човечки ресурси, кои се случуваат во Југоисточна Европа моментно, како и сите оние промени што се очекува дека ќе настанат. Со фокусирање на влијанието на засилената глобална конкуренција, технолошките промени, флуктуациите на валутите, дерегулацијата и промените што секојдневно настануваат, организациите се обидуваат сѐ повеќе да се фокусираат на нивните критички внатрешни ресурси, особено луѓето. Овој модул ќе се концентрира на развојот на овие вештини и практики, како и на теориите што помагаат да се објасни и да се одржи нивната ефикасност, со оглед на драматичните промени што се случуваат.


 

Објава:
http://www.novamakedonija.com.mk