Универзитетот Шефилд со постдипломски студиски програми во Македонија

Доказ дека во Македонија квалитетното образование e достижно, и дека за да се добие признаена диплома не е потребно да се напуштаат границите на државата, е Академијата за Mенаџери, која шест месеци постои во Македонија, а низ нејзините студиски програми веќе поминаа над 100 студенти.

Формирана во 2012 година, под академска надлежност на Универзитетот Шефилд и СИТИ Колеџ- Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд , во соработка со Сојузот на Стопански Комори на Република Македонија, а поддржана од Министерството за образование и наука, Академијата за Менаџери нуди висококвалитетни постдипломски студии во три области: Маркетинг, рекламирање и односи со јавност; Менаџмент; и Финансии и банкарство. Наставната програма, како и методите на предавање се еквивалентни на програмите на Универзитетот Шефилд- светски позната и исклучително квалитетна високообразовна институција, која во 2012 година беше рангирана од QS Rankings како 66-ти најдобар Универзитет во светот. Универзитетот Шефилд континуирано се залага за промоција на интернационализмот и индивидуалната грижа посветена на секој студент, базирајќи се пред се на истражување и практична работа, што е една од клучните вредности кои го позиционираат како еден од топ универзитетите во светот.

Предавањата на Академијата за Менаџери, кои се на англиски јазик, се пред се наменети за менаџери од различни компании од јавниот и приватниот сектор и се одржуваат за време на викенди, во Скопје. Академијата располага со висококвалитетен наставен кадар, составен од искусни професори со исклучителна професорска и истражувачка кариера од СИТИ Колеџ, Универзитетот Шефилд, како и други реномирани универзитети од Велика Британија, кои освен теориска подготвеност, поседуваат и огромно практично искуство во својот домен, и претставуваат столб на квалитетните студии. Тоа е и целта на Академијата: да едуцира и доедуцира менаџери, со акцент на практична примена на теоријата која се учи. Освен тоа, на студентите постојано им е достапен комплетен систем на студентски сервиси, како електронска библиотека, достапност до позната стручна литература, како и системи за интерна и веб- базирана комуникација.

“Студентите на Академијата за Менаџери, освен врвното образование со кое се стекнуваат, имаат единствена можност да се стекнат со постдипломски квалификации од Универзитетот Шефилд, кои се ценети и препознаени на светско ниво. Академијата е достапна за сите менаџери и идни менаџерски кадри од Македонија, а во соработка со Министерството за образование и наука се нуди и стипендирање на дел од студиите, така што секој кој сака да го надгради своето знаење има можност да ја следи наставната програма и да се стекне со меѓународно призната и престижна диплома“- изјави Марија Никовска, директор на Академијата за менаџери.

 

Објавa:

 

 

Галерија