Тренинг програма за здравствениот кадар од клиниките

Темата на првиот модул е Економија на здравство, системи и политики, кој ќе го предава професор Џорџ Боултон од Велика Британија, за што поседува професионални квалификации во полето на менаџментот на здравствениот сектор и има огромно искуство во здравствениот сектор од Велика Британија и од Балканскиот Регион.

(СКОПЈЕ, 14.06.2013) - Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување во наредната година ќе организираат неколку циклуси на тренинзи со цел доедукација на менаџерскиот и медицинскиот кадар во болниците и клиниките низ републиката. Проектот ќе биде имплементиран од страна на Академијата за Менаџери, кои за овие предавања ќе обезбедат врвен академски кадар од Универзитетот Шефилд и СИТИ Колеџот од Солун по наставна програма креирана од самиот Шефилд Универзитет.

“За поефективен пристап кон тренинзите, имајќи го во предвид фактот дека учесниците доаѓаат од различни здравствени установи и од различни позиции, обезбедивме четири различни модули/ тренинзи: Економија на здравство, системи и политики; Организациско однесување; Организациски промени; и Менаџмент на синџири на снабдување. Целосната наставна програма е обезбедена од Универзитетот Шефилд, како и наставниот кадар, кој е составен од најдобрите професори од ова поле“- изјави Марија Никовска, генерален директор на Академијата за Менаџери.

Првото предавање започна викендов и ќе се одржува за време на 3 викенди, се до 14 јули во просториите на Медицинскиот факултет во Скопје. Темата на првиот модул е Економија на здравство, системи и политики, кој ќе го предава професор Џорџ Боултон од Велика Британија, од Универзитетот Шефилд, за што поседува професионални квалификации во полето на менаџментот на здравствениот сектор и има огромно искуство во здравствениот сектор од Велика Британија и од Балканскиот Регион.

“Сум бил во Македонија како дел од Светската Банка, а сум работел и во земјите од регионот. Моето искуство е различно во сите 40 земји каде што имам работено. Но сепак, здравствените системи се слични и се судираат со истите проблеми. Не може веднаш да има промени во било кој здравствен систем, но со тек на времето овие новини треба да бидат интегрирани во системот – потенцираше професорот Боултон.

На првиот модул ќе присуствуваат 60 учесници од здравствените установи во Македонија, кои поради поголема ефикасност и ефективност на предавањата ќе бидат поделени во две групи.

„Здравстевниот кадар во нашите болници и клиники, иако е со соодветно образование и едукација, нивното знаење треба континуирано да се надградува со цел поефективно раководење со нашите здравствени установи. Преку обука од врвни светски професори сметаме дека ќе стекнат нови вештини и способности, со што одиме уште еден чекор понапред во унапредувањето на нашето здравство. Дополнително, сите кои ќе го положат крајниот испит ќе се здобијат со интернационален сертификат кој ќе биде доказ за обуката која ја посетувале“ – велат од Министерството за здравство.

 

Објавa:

 

 

Галерија