ДОДЕЛУВАЊЕ НА БОРИС ТРАЈКОВСКИ СТИПЕНДИИ ЗА АКАДЕМСКАТА 2013/2014 ГОДИНА

На 6-ти декември 2013 година, д-р Ѓорге Иванов, претседателот на Република Македонија, беше домаќин на свеченоста за доделување на стипендиите Борис Трајковски за 2013 година. Дваесет стипендисти ќе имаат можност да ја следат програмата за студии од втор циклус на Извршната програма за бизнис и администрација при СИТИ Колеџот од Солун, Меѓународниот факултет во состав на Универзитетот Шефилд од Велика Британија. Воедно, на средбата присуствуваа сите досегашни добитници на овој вид стипендии.

Свеченоста се одржа во Вилата на Претседателот, на која свое обраќање имаше и Министерот за образование и наука, г-дин Спиро Ристовски, а беа присутни и г-дин Јанис Верверидис, претседателот на СИТИ Колеџ и г-дин Џорџ Ефстатиадис , директор на Извршната МБА програма на СИТИ Колеџ.
"Со стипендиите Борис Трајковски Ви се дава одлична можност, талентот, знаењата и вештините да ги надградите на еден престижен универзитет, на СИТИ Колеџот од Солун, при Универзитетот Шефилд од Велика Британија”, изјави претседателот на државата, д-р Ѓорге Иванов.

Студентите веќе присуствуваа на првиот МБА викенд и го изразија своето задоволство од програмата. Понудена од 1993 година, Извршната МБА програмата располага со дипломци кои се на важни менаџерски и владини позиции во државата. Стипендиите Борис Трајковски се иницијатива на покојниот претседател Борис Трајковски, која започна во 2001 година и продолжува со подршка од страна на сегашниот претседател д-р Ѓорге Иванов.

Стипендиите се ко- финансирани од страна на Владата (Министерството за образование и наука) и Универзитетот Шефилд, а традиционално ги доделува Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов. Целта на оваа иницијатива е унапредување на извршните позиции и обезбедување на врвни менаџери, преку можноста за бесплатно образование од врвен британски универзитет, кој е рангиран меѓу најдобрите универзитети во светот.

 

Објавa:

 

 

Галерија